ОСНОВАЊЕ НА ДОО/ДООЕЛ-ЧЕКОР ПО ЧЕКОР ДО СОПСТВЕН БИЗНИС

Доколку сакате да влезете во бизнис водите, она што треба да го знаете е дека Ви е потребен капитал, бизнис план и потенцијален пазар на потрошувачи. Тие се трите основни компоненти без кои започнувањето на бизнисот не би бил возможен. Притоа во Република Македонија, за да започнете бизнис и успешно да ја стартувате вашата бизнис приказна, задолжително треба да регистрирате трговско друштво и тоа во некоја од формите предвидени во Законот за трговски друштва на РМ: Трговец поединец (ТП), Друштво со ограничена одговорност (ДОО), Друштво со ограничена одговорност на едно лице (ДООЕЛ), Командитно Друштво (КД), Командитно друштво со акции (КДА), Акционерско друштво (АД). Во практиката на РМ, како најзастапени форми на трговски друштва се Друштвото со ограничена одговорност (ДОО) и Друштвото со ограничена одговорност на едно лице (ДООЕЛ), поради што фокусот на овој дел од серијалот го ставаме на ДОО И ДООЕЛ.

ДРУШТВО СО ОГРАНИЧЕНА ОДГОВОРНОСТ / ДРУШТВО СО ОГРАНИЧЕНА ОДГОВОРНОСТ НА ЕДНО ЛИЦЕ

Друштво со ограничена одговорност може да биде основано од едно или од повеќе физички и правни лица и може да има најмногу 50 содружници и тоа со склучување на договор од неговите основачи лично или преку полномошник.

Фирмата на друштвото со ограничена одговорност мора да ги содржи и зборовите: „друштво со ограничена одговорност” или ознаката „ДОО”,односно кога друштвото има еден содружник фирмата ги содржи зборовите:„друштво со ограничена одговорност од едно лице” или ознаката:„ДООЕЛ”. Ако станува збор за друштво основано од едно лице т.е. ДООЕЛ, тогаш наместо со договор, се основа со изјава на основачот.

Влог во друштвото се пари, ствари, права коишто содружникот му ги отстапува и пренесува на трговското друштво во постапката на основање или во постапката на зголемување на основната главнина на друштвото, односно и труд и услуги кога тоа со овој закон е допуштено и заем, односно дополнителна доплата, коишто согласно со одредбите од ЗТД се трансформираат во влог.

Удел во друштвото е севкупност на права и обврски коишто содружникот ги стекнува врз основа на влогот во основната главнина при што секој содружник има еден удел кој не може да биде претставен во хартија од вредност.

Основна главнина е вкупниот износ на сите влогови на содружниците, односно акционерите, при што износот на основната главнина е еднаков на збирот на номиналната вредност на сите влогови. Имено, таа не може да биде помала од 5000 евра во денарска противредност. Пред поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото во трговскиот регистар, содружникот нема обврска за уплаќање на паричниот влог, ниту пак за внесување на непаричниот влог.

Основањето на друштвото се запишува во трговскиот регистар. Пријавата за упис на основањето на друштвото ја поднесува управителот, односно управителот овластен од другите управители ако друштвото има повеќе управители.

Со ДОО управува управител, кој го избираат содружниците. Истиот не мора да биде содружник во друштвото. Одлуките го донесуваат на собирот на содружниците или преку допишување. Кај ДООЕЛ, управува содружникот лично, или од него избран управител и сите одлуки кои се донесуваат во ова својство мора да бидат внесени во записник.

Секој содружник во друштвото има право на: соодветен дел од добивката, освен ако правото на учество во добивката не е ограничено или исклучено со договорот за друштвото; да учествува во управувањето со друштвото; да биде информиран за работењето на друштвото; да врши увид во книгите и во другите документи на друштвото и на дел од остатокот на ликвидационата, односно на стечајната маса.