ABC Анализа – 80/20 правило

ABC – анализа дава брз и едноставен преглед на асортиманот во еден малопродажен објект или големопродажен бизнис. Но, може да се користи и во сите подрачја на Вашиот бизнис кога треба да донесете одлуки за залихите, асортиманот на производите, маркетинг техники, бизнис процеси, трошоци итн. ABC анализата обезбедува механизми за идентификување на предмети кои имаат значително влијание на севкупните трошоци на залихи и која ќе обезбеди идентификување на категории на залихи кои ќе бараат различен менаџмент и контрола. Слична анализа на ABC анализата е правилото 80/20 кое уште е наречено Парето принцип. Овој принцип се заснива на тоа дека 80% од ефектите доаѓаат од 20% на причини (активности). Ова правило вели дека 80% од Вашата продажба доаѓа од 20% од Вашите клиенти.

Во секој малопродажен објект, па и во големопродажен бизнис постојат артикли кои не се еднакви по својата вредност. Некои артикли се повеќе барани, на некои артикли повеќе се заработува, додека некои артикли морат да се држат заради комплетирањето на асортиманот. Значи сите артикли се разликуваат по однос на прометот, вредноста, значењето и слично. Бидејки залихите носат лоша конотација и секој настојува да ја намали количината на залихите односно да ги држи на оптимално ниво (негативности кои носат залихи може да се видат во нашиот текст за залихите), со оваа метода јасно и прегледно можат да се согледа вкупниот асортиман и неговото значење за вкупниот промет и вкупниот приход. Тука треба да разликувате две работи, првата работа е колкав приход ви носи одредениот артикл, а друго колку е баран односно колкав обрт ви носи одредениот артикл. Бидејки некои артикли повеќе се продаваат но носат помал приход, но затоа обрт на обртните средства е поголем па и заработка е поголема, а можеби купувачите доаѓат најповеќе поради тој артикл (во колонијал тоа е леб, млеко…, во авто делови тоа се делови за ремонт, масло, свеќици, акумулатори, гуми… па ќе купат и уште нешто со тоа и приходот ќе биде поголем). Заради тоа може да се направат две табели во кои во едната ќе се анализира Асортиман (бројот на артикли) во однос на вкупниот приход и втора каде би се анализирало Асортиманот (бројот на артикли) наспроти вкупниот промет. Па да се искомбинират двете величини за да се согледа реална состојба и да се избере варијантата која ги максимизира резултатите и со која ќе се постигне поголем успех во работењето.

 

Класификација на производи со ABC методата се врши така што асортиманот (вкупно производи) се дели на три сегмента.

Во првиот сегмент А се производи кои се процентуално најмалку застапени да речеме околу 20 % во вкупниот промет, а носат најголем приход на продавницата, на пример 70%.

Во група B, е поголема количински на пример 30 % или вкупно 50%, но во прометот учествува со видливо помал процент на пример 20 % или вкупно 90 %.

Група C, може да биде и 50 % или вкупно 100 %, а вредносно само 10 %, да учествува во приходот или пак профитот.

Овие проценти се земени произволно и ориентационо, ништо не пречи доколку тој сооднос биде блиску до зададената вредност.

Врз база на добиените вредности од ова анализа се врши понатамошна набавка на асортиманот.

За ова може да се направи и компјутерски програм кој ќе работи врз зададените параметри и ќе црта табели и со кои ќе овозможи полесен и попрегледен увид. Можете и да користите MS Excel за спроведување на анализава:

  • Како со MS Excel до ABC анализа
  • Изработка на график за ABC анализа со MS Excel

Доколку дојде до промена на асортиманот, под истите услови се прават други табели и процедурата е сосема иста.

Оваа анализа некои ја викаат и како 80/20 правило. Правилото 80/20 или Парето принцип е сугерирано од експертот за бизнис менаџмент Joseph Juran и го крстил по италијанскиот економист Vilfredo Pareto кој вели дека 80% од приходот во Италија оди кај 20% на луѓе. Ова правило вели дека:

  • 20% од Вашите активности носат 80% од Вашиот приход. Дали треба да ги имате останатите 80% од активностите.
  • 20% од Вашите купувачи ви носат 80% од Вашиот приход. Насочете се кон задржување на тие 20%.
  • 20% од Вашите производи ви носат 80% од Вашиот приход. Елиминирајте ги производите кои не ви носат приход и вложете во оние кои носат.
  • 20% од Вашите вработени обезбедуваат 80% од успех на Вашиот бизнис. Дали треба да ги држите останатите 80% од Вашите вработени.
  • 20% од Вашите маркетинг активности ви носат 80% од потрошувачи. Елиминирајте ги активностите кои не ви носат потрошувачи, насочете се на продуктивните 20% од активности.
  • 20% од Вашите потрошени пари носат 80% од приход. Остатокот од 80% од Вашите потрошени пари можете да ги рагледате како можен трошок итн.

 

80/20 стапката е круцијална за развој и зголемување на перформансите на Вашиот бизнис. Уверете се со тоа што ќе започнете да ги разгледувате работите со овој принцип. Ова не е единствена примена, можете да ја примените и во Вашиот личен живот за да го направите поквалитетен Вашиот живот.