Колку мали бизниси имаат стратегија? Дали претприемачите на малите бизниси имаат стратегија? Дали малите бизниси се стратешки, или само тактички мали бизниси кои размислуваат како да го преживеат месецот?
Но, сепак стратегијата на еден мал бизнис може само да му помогне, а не може да му одмогне. Па, затоа и препорачливо е да се има стратегија која ќе се следи.
Што е стратегија?
Стратегија претставува план на акции за остварување на поставените цели. За имплементација на една стратегија потребно е да се има повеќе тактики. На пример, доколку нашата стратегија е да изградиме бизнис со долгорочни односи со своите потрошувачи, тактиките со кои можеме да ја имплементираме таа стратегија може да бидат давање на дополнителни услуги за редовните потрошувачи, тренинг, долгорочни договори со поинкави цени итн. Секоја тактика се исполнува со активности кои имаат одредени датуми на остварување, одговорни лица за остварување на тие активности и потребни финансиски средства за остварување.
Зборот стратегија доаѓа и се користи во бизнисот од употребата во воени мисии. Во Merriam-Webster Dictionary освен дефинирање на стратегија како воено средство пишува и дека стратегија претставува:
-
- Темелен план или метод
- Умно лукавство
- Уметност на смислување или пак користење на планови или пак лукавства кон исполнување на целите.
Забележливо е дека:
- Стратегија е средство за исполнување на бизнис цели. Доколку немате бизнис цели не ви треба ни стратегија.
- Стратегија претставува еден вид на план во кој се специфицирани акции кои Вие како претприемач ќе ги превземете.
- Стратегијата е составена од тактики кои пак се составени од активности со што ќе ги исполниме посакуваните цели.
Имам различни „таканаречени“ стратегии. Тие повеќе изгледаа на еден текст на 20-30 страници и се однесуваа на период од 3-5 години без специфичности. Како што забележувате погоре за да се исполнуваат воспоставените стратегии потребно е да се определат тактики и да се дефинираат сите активности за секоја тактика.
Како да ја промените стратегијата?
Менување на стратегија не е пожелно да го правите секојдневно. Подобро потрошете повеќе време да подготвите вистинска стратегија и да се обврзете кон нејзино извршување. Во една таква состојба ни вработените ни консултантите нема да знаат која стратегија е на сила.
Стратегијата се изготвува од менаџментот (врвот) на бизнисот, а се спроведува и извршува од сите.
Еден приод во чекори кој ќе може да ви помогне да успеете да спроведете стратешко планирање во Вашиот бизнис и да ја промените тековната стратегија доколку ја имате или пак мислите дека ја имате.
- Прва работа е да бидете сигурни дека имате стратегија и дека ја следите иако не сте задоволни со неа. Не ви треба стратегија која ќе седи во фиока и ќе фаќа прашина. Тогаш подобро и не губете време на стратегија.
- Откако ќе се уверите дека имате стратегија која се следи потребно е да ја прилагодите за да таа иста стратегија претставува една проактивна стратегија, а не реактивна стратегија. Не размислувајте кој друг што направил. Размислувајте што Вие сакате да постигнете и направите.
- Размислете што треба да направите за да ви даде најдобри резултати најбргу што може на една подолгорочна основа.
- Откако ќе откриете што е тоа што ќе ви даде најдобри резултати најбргу на подолгорочна основа можете да размислувате за можните тактики.
- За секоја тактика подгответе активности со рокови и одговорни лица за извршување на тие активности.
- И секако на крај системско размислување. Воспоставете повратна врска за преку мерење и контрола на исполнување на стратегијата.
Микро бизниси и стратегија
Не значи дека доколку сте мал бизнис со неколку вработени дека не ви треба стратешко размислување и водење на Вашиот бизнис. Ова е голема грешка. Дали малиот бизнис има цели? Секако, ако ништо друго во првата година целта е преживување. Па како ќе преживее? Ќе понуди некоја поволност. Ќе обезбеди квалитетен сервис. Ќе обезбеди квалитетна услуга. Ќе примени нови маркетинг методи и техники. Сето ова се тактики за стратегијата преживување на бизнисот. Потоа ќе следуваат активности за секоја од тие тактики.
Разликата е само во тоа што подготвувачот на стратегијата ќе биде и извршител на истата.