Фискализација и регистрирање на готовинските плаќања

 Дали имате обврска да издавате фискални сметки?

Доколку вршите промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува  по банкарски  пат, односно се вршат готовински плаќања, должни сте да воведете и да користите одобрен фискален  систем на опрема  за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издавате сметка за извршениот промет, односно услугата – фискална сметка.

Обврската за регистрирање на готовински плаќања постои без разлика дали сте регистрирани за целите на ДДВ.

Каква опрема  треба да поседувате?

Фискален апарат е направа за регистрирање  на вкупниот промет на продадени добра, извршени услуги и висината на данокот. Преку апаратот се врши печатење и издавање  на фискални сметки, дневен финансиски извештај и контролен финансиски извештај. Фискалниот апарат треба да има GPRS уред, преку кој се овозможува двонасочен пренос на податоци помеѓу серверот на УЈП и Вашиот фискален систем на опрема.

Дали треба да го регистрирате фискалниот систем на опрема?

Регистрацијата на фискалниот систем на опрема се врши во овластен сервисен центар на производителот на фискална опрема од страна на стручно техничко лице / сервисер. По завршување на постапката за фискализација, УЈП изготвува решение за регистрација на фискален систем на опрема.

Какви се Вашите обврски?

  • Задолжително треба да издадете фискална сметка на купувачот на доброто, односно на корисникот на услугата, во моментот на предавање и плаќање на доброто, односно на извршување и плаќање на услугата.
  • Фискалната сметка се запишува во два примерока кои се нарекуваат  бонов и електронски контролен траг, кои се идентични и се запишуваат истовремено. Исечок од боновиот траг се дава на купувачот на доброто, односно на корисникот на услуга, а електронскиот контролен траг го задржувате Вие, и се запишува во мемориска картичка во фискалниот апарат. Контролниот траг од фискалната  сметка сте должни да го чувате во објектот, пет години од датумот на последната евидентирана операција.
  • Задолжително, на видно место во објектот, мора да поставите соопштение, со кое се информира купувачот на доброто, односно корисникот на услугата дека има обврска да побара фискална сметка.
  • Доколку снема електрична енергија, или фискалната апаратура се расипе, прометот треба да го евидентирате со издавање на парагон – блокови и со водење на Итна сметководствена книга, кои се заверуваат  од УЈП службено, при фискализацијата на апаратот.
  • По исклучок, ако Вашиот готовински промет во претходната година надминува 1.000.000 денари, должни сте да регистрирате резервен фискален систем на опрема.
  • Ако плаќањето на дадените услуги се врши исклучиво безготовински, односно преку фактури или уплатници во банка, тогаш не сте должни да воведете и да користите фискален систем на опрема и да издавате фискални сметки.

Имате право да побарате  даночно олеснување  при набавка  на фискална апаратура со што се намалува пресметаниот данок на добивка, односно персоналниот  данок на доход за вредноста на набавените и ставени во употреба фискални апарати, но најмногу до вредноста на десет фискални апарати.