Дефиниција на трговец

Според Законот за трговски друштва, членот 4, трговец е секое лице кое самостојно трајно во вид на занимање врши трговска дејност заради остварување добивка со производство, трговија и давање услуги на пазарот и тоа со:

1) купување на подвижни ствари со цел да ги продаде во првобитен, преработен или обработен вид;

2) продажба на подвижни ствари во преработен или обработен вид од сопствено производство;

3) тргување со хартии од вредност и управување со фондови;

4) банкарски, менувачки и други финансиски дејности;

5) дејности на осигурување;

6) превоз на лица и стока;

7) комисиони работи, шпедитерски услуги, складишни (магацински) услуги и лизинг;

8) трговско застапување и посредување;

9) угостителско-туристичка дејност, информативна дејност, маркетинг и други интелектуални услуги;

10) производство на филмови, видеокасети, аудиовизуелни записи, софтвер, како и други слични дејности;

11) издавачка и печатарска дејност и други работи поврзани со трговијата со книги и уметнички творби и

12) купување, изградба и уредување на недвижни ствари со цел продажба и издавање.

Според членот 6 од Законот пак, за трговец, се смета и секое лице кое, во вид на занимање, води претпријатие коешто според природата и обемот на дејноста бара да биде организирано и водено на начин на којшто се водат трговските дејности иако не се наведени претходно, под услов фирмата да е запишана во трговскиот регистар. Оваа одредба од Законот, се применува и во областа на земјоделството и шумарството само во поглед на претпријатијата за обработување или преработување на сопствени земјоделски или шумски производи.

 

Негативни Услови кои доколку се исполнети претрпијатието не може да биде регистрирано како трговец во трговскиот регистар. Така, во членот 8 предвидува дека, за трговци, не се сметаат:

1) физичките лица кои вршат земјоделска и шумарска дејност (индивидуални земјоделци), освен ако нивната дејност може да се води како претпријатие, во смисла на одредбите од законот кои претходно беа наведени, од членот 4 од ЗТД;

2) занаетчиите и физичките лица кои вршат услуги, освен ако нивната дејност може да се определи како претпријатие, исто така, во смисла на претходно наведените одредби, од членот 4 ЗТД

3) физичките лица кои вршат угостителски услуги со издавање соби во своите живеалишта. Физичките лица кои се занимаваат пак, со слободни занимања (адвокати, нотари, лекари и други), исто така, не се сметаат за трговци