Бизнис план – Содржина и резиме

Откако ќе ја свртите насловната страна, односно откако ќе го отворите бизнис планот ќе дојдете до содржината на истиот и до резимето на истиот. Карактеристично за овие два елемента е дека истите доаѓаат на почетните страници од бизнис планот, но се пишуваат или средуваат на крај кога сите останати елементи ќе бидат завршени.

Содржина на бизнис планот

Содржината му помага на читателот при читањето полесно да се снаоѓа во содржините на бизнис планот. Никој не сака, па и нема доволно време да почне да чита од почеток до крајот на планот.

Нема некоја филозофија во однос на изработка на содржината на бизнис планот. Едноставно, напишете го насловот содржина и оставете простор каде ќе се вметне истиот. Доколку работите со MS Word или пак Open Office сите наредни наслови и поднаслови направете ги со еден од стиловите во Styles кои се однесуваат на наслови (Headings).

Ова ќе Ви помогне на крајот едноставно да ја инсертирате содржината онаква каква што е, па и доколку правите измени има опција ажурирање (Update) за да се ажурираат страните доколку постои некое поместување. Ова се изведува преку инсертирање (Insert) на табела со содржина (Table of Contents). И целата работа околу содржината ќе биде завршена. Запомнете дека ова ќе го изведете на крајот кога Вашиот бизнис план веќе ќе биде готов и сите наслови и поднаслови ќе бидат дефинирани.

Резиме на бизнис план

Многу често читателите на бизнис планот, оние кои треба да обезбедат финансиски средства завршуваат со резимето на бизнис планот, односно не продолжуваат со понатамошно читање. Втора состојба е да се прочита резимето и да се сврти на страните кои се однесуваат на делот кој му оставил некој впечаток од резимето.

Резимето на бизнисот треба да бидете првиот наслов кој ќе биде опфатен во содржината, но се пишува последно, откако ќе се заврши со сите други теми кои се составен дел од планот. Но, на оваа прашање би можело да се размисли и од поинаков агол. Можете да напишете пробно резиме кое ќе ни биде водилка за натамошните елементи на планот и на крајот да се прилагоди кон завршените други елементи. Резимето треба да ги содржи главните елементи од сите други теми кои се составен дел од бизнис планот.

Започнете со кратка историја на Вашиот бизнис како одговор на прашањата:

  • Кога е формиран или кога ќе биде формиран?
  • Каде е лоциран или каде ќе биде лоциран?
  • Која е бизнис идејата?
  • Што ќе опслужува бизнис идејата или каков проблем на пазарот ќе решава?
  • Кои ќе бидат клучните потрошувачи?

Потоа напишете ги следните поднаслови во вид на 1.1, 1.2, 1.3, 1.4 и 1.5:

  1. Главни показатели
  2. Цели
  3. Мисија
  4. Визија
  5. Клуч за успех

Главни показатели

Главните показатели треба да дадат една слика за тоа како ќе изгледа бизнисот во однос на тие показатели во периодот за кој се однесува планот. Она што е најважно и што може да се смета како главни показатели се следниве:

  • Продажба
  • Бруто маржа
  • Нето добивка

Затоа доволно е само еден график во кој ќе бидат прикажани овие показатели како движења за годините за кои се однесува планот. Затоа овој поднаслов ќе треба да се подготви на крај кога ќе ги имате сите предвидувања од кои зависат овие показатели. Едноставно со помош на MS Excel направете еден график како на сликата подолу.

 

Цели

Целите треба да ги опфатат сите цели кои се дефинирани за да се остварат за период за кој се однесува бизнис планот. Наведете ги сите цели и по можност користете нумерички опис на истите (На пример, „Остварување на профит од 30% од остварена продажба“; „Зголемување на продажба за 10% од минатата година“ итн.). Пожелно е пред да се дефинираат целите да се напише и визијата за бизнисот, бидејќи самата визија ќе ги дефинира целите како средство за остварување на нашата визија. Визијата ќе претставува поглед во иднината, односно ќе треба да одговорите на прашањето како треба да изгледа нашиот бизнис во иднина.

Фокусирајте се на долгорочните цели како нешто што ќе треба да се оствари во идниот период. Кога ги воспоставувате целите, уште во оваа фаза обидете се да размислите за потенцијални пречки за остварување на истите.

Мисија

Мисијата треба да го дефинира она што бизнисот сака да го работи за најмалку четири категории:

  • Потрошувачите
  • Вработените
  • Сопствениците
  • Општеството

Кажано со едноставни зборови мисијата претставува причина за постоење на бизнисот.

Мисијата треба да даде одговор за Вашиот бизнис за помалку од 30 секунди на следниве прашања:

  • Кој е Вашиот бизнис?
  • Што прави Вашиот бизнис?
  • Која е положбата на Вашиот бизнис?
  • Зошто го правите тоа што го правите?

На пример, „ХХХХХ компанија постои заради задоволување на потребите на потрошувачите на текстилни прозводи при што ќе обезбеди врвен квалитет на производите и начин на продажба кој ќе предизвикува чувство на задоволство“ за продавница за текстилни производи. Можете да го искористите следново за да ја направите Вашата мисија:

[Име на бизнисот] постои заради [проблем кој бизнис идејата го решава] за [целен пазар] при што ќе обезбеди [производи и/или услуги] со помош на [предност на вработени или на бизнисот во однос на конкуренцијата] за [поволност која ќе ја добие потрошувачот].

Ова е само еден темплејт кој може да ве води низ процесот но, слободно можете да го менувате редоследот и содржината на истиот.

Клучни елементи за успех

На крајот од оваа поглавје наведете ги клучните елементи за успех на Вашиот бизнис кои ќе бидат во согласност со претходно дефинираните цели и мисија на бизнисот. Наведете ги сите можни елементи кои ќе придонесат за успех на бизнисот. Тука всушност треба да одговорите на прашањето што Вашиот бизнис ќе треба да направи за да ги исполни дефинираните цели на бизнисот.

Откако ќе го завршите бизнис планот внесете ги следниве елементи во резимето:

  • Неколку збора за клучните показатели од анализа на пазарот и индустријата
  • Неколку збора за стратегија и имплементацијата на тие стратегии
  • Прикажете график на проекции на продажба
  • Прикажете график на анализа на готовински тек
  • Прикажете график на приходи и трошоци за периодот на планот

Ова ќе бидат доволно елементи кои ќе бидат опфатени во резимето и ќе предизвикаат интерес кај читателите за продолжување со разгледување на бизнис планот. Но внимавајте на потенцирањето. Фонтот за содржината нека ви биде 12 (или 11) додека за наслови врз основа на стилот кој ќе го изберете (На пример главен наслов со Heading 2, а поднаслови со Heading 3…). Користете зацрнување (Bold) за сето она што треба да се потенцира и треба да биде она што е пожелно да му го привлече вниманието на читателот.

И за на крај едно прашање кое постојано се поставува е колку долго треба да биде резимето? Одговорот е колку е пократко толку е подобро. Препорачливо е резимето да биде една страна до две, но не повеќе од две страни. Две страни се доволно за да се опфатат сите горенаведени елементи. И бидете прецизни и концизни во пишувањето.