Што може да има потенцијална бизнис енергија?

Потенцијалната бизнис енергија е содржана во секој елемент на бизнисот како што секое тело согласно физиката содржи потенцијална енергија. Но, секогаш постои прашање што е тоа што содржи потенцијална бизнис енергија? Доколку ги определите вистинските елементи на бизнисот кои содржат или на кои треба да им се зголеми потенцијалната бизнис енергија тогаш сте завршиле пола работа на патот за успешен бизнис.

Воопшто секој бизнис е составен од следниве елементи:

  • Идеи
  • Луѓе
  • Финансии
  • Процеси
  • Производи и услуги

Ова се основните елементи без кои нема бизнис, не постои бизнис систем, нема успешност… Доколку немате некој од основните елементи воопшто не размислувајте за бизнисот понатаму. Секој бизнис е последица на бизнис идеја. За да профункционира бизнисот во вистинска смисла на зборот (па и да се работи за виртуелен бизнис) мора да има барем еден човек (претприемачот) или најмалку уште еден вработен. Претприемачот и вработените се составен дел од елементот луѓе. Без финансии нема ни бизнис. Мора да се вложат финансии за отпочнување, мора да се финансира развојот, мора да се набавуваат репроматеријали или производи и услуги. Секој бизнис функционира со трансфер на влез во излез. Оваа трансформација се изведува со бизнис процесите. И за наједноставните бизниси мора да има бизнис процес. На пример, за малопродажба влез е набавен производ кој преку процесот на продажба се транмсформира во излез на продаден производ. И на крај, секој бизнис нуди нешто за кое што зема пари, а тоа нешто може да биде производ и/или услуга. Каков е тој бизнис што не нуди ништо.

Ако имате бизнис идеја која е одлична но немате луѓе ќе немате потенцијал за спроведување на таа бизнис идеја во успешен бизнис. Истото е и со финјансии, процеси и производи и/или услуги. Може да имате луѓе, но немате бизнис идеја. Па како понатаму? Одговорот е никако, нема бизнис.

Секој од овие 5 елементи е составен од поделементи кои содржат потенцијална бизнис енергија. На пример, колку е поголемо знаењето на претприемачот (елемент луѓе) толку ќе биде поголема потенцијалната енергија на луѓето и на бизнисот воопшто. колку има повеќе потенцијална бизнис енергија идејата толку повеќе потенцијална енергија ќе има идниот бизнис.