Успешен претприемач – одлучувачки фактори – реалност

Петнаесетте фактори кои влијаат на успешноста на претприемачот:

  1. Спремност да превземе акција,
  2. Знаење,
  3. Креативност,
  4. Вештини,
  5. Интелигенција,
  6. Истрајност,
  7. Упорност,
  8. Тимска работа,
  9. Вкалкулирано ризикување,
  10. Самодоверба,
  11. Искуство,
  12. Талент
  13. Чесност,
  14. Врски и
  15. Среќа.

Зошто ниеден од 10 фактори во анкетата не е најважен?

Првин сите наведени фактори без спремност да се превземе акција претставуваат потенцијал на еден претприемач. Всушност оваа е онаа бизнис потенцијална енергија складирана во претприемачот која може и треба да биде претворена во кинетичка енергија која ќе врши одредена работа.

Но, ниеден од тие фактори нема да го направи еден претприемач успешен доколку не превземе соодветна акција. На пример, џабе знаењето и креативноста ако не го направите првиот чекор да го започнете Вашиот бизнис.

Познавам многу луѓе кои имаат знаење и креативност, вешти се и интелигентни, истрајни и упорни… Сепак тие луѓе не се претприемачи, работат за друга компанија или пак некоја државна служба. Тие не се претприемачи не заради тоа што немаат знаење или пак не се интелигентни или пак не ги поседуваат останатите карактеристики од факторите за успешност, туку заради тоа што не го направиле првиот чекор, односно не превземале акција да станат претприемачи.

Затоа во оваа хиерархиско пирамидална структура на одлучувачки фактори за успешност на еден претприемач како прва карактеристика или како темел за успешноста е ставена способноста за превземање на акција.

Каков би бил профилот на успешен претприемач?

Профилот на еден претприемач – супермен би бил:

Спремен да превземе акција која ја надградува со знаење и креативноста при што ги комбинира вештините и интелигенцијата, а е истраен и упорен, има способност да работи во тимови, превзема ризик, но не луд ризик и има самодоверба и искуство, а притоа е чесен, понекогаш има среќа и има некои врски кои можат да го подбутнат во работата.

Во секој случај сите фактори или карактеристики се важни, бидејќи само ќе ја зголемат бизнис потенцијалната енергија на претприемачот, а со тоа и севкупната бизнис потенцијална енергија.