Трговско друштво

Трговско друштво

Услови – општи за основање (важат општите за трговец наведени тука):

Негативни услови

Трговско друштво не можат да основаат:

1) трговски друштва чија сметка отворена кај кој било носител на платниот промет е блокирана и лицата кои се членови на органот на управување, органот на надзор, односно се управители на тие друштва, се додека трае блокадата на сметката на друштвото или додека над истото не се отвори постапка на ликвидација или стечај;

2) друштва над кои е отворена стечајна постапка, додека трае постапката;

3) лица кои се членови на органот на управување, органот на надзор, односно се управители на трговски друштва на кои во постапка пропишана со закон им е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, се додека трае забраната;

4) лице кое е содружник во друштво со ограничена одговорност (ДОО) или во друштво со ограничена одговорност основано од едно лице (ДООЕЛ) чија сметка е блокирана додека трае блокадата на сметката на друштвото или додека над друштвото не се отвори постапка за ликвидација или стечај и

5) содружниците, управителите и членовите на органот на управување и органот на надзор на друштвата за кои согласно ЗТД  е започната постапка за бришење додека трае таа постапка и во период од три години од денот на објавата на бришењето на друштвото на веб страницата на Централниот регистар, освен основачите, односно содружниците кои се меѓународни финансиски организации чија членка е Република Македонија и чие учество во основната главнина на друштвото е под 50%

6) лица за кои со правосилна одлука на судот е утврдено дека сториле кривично дело лажен стечај, предизвикување стечај со несовесно работење, злоупотреба на постапката стечај, оштетување или повластување на доверители и изречена им е забрана за вршење професија, дејност или должност, се додека траат правните последици од забраната.

 

Постапка за упис во трговскиот регистар

Постапката за упис во трговскиот регистар се поведува со поднесување на пријава на пропишан образец во која е содржано барањето за упис. Пријавата се поднесува од овластен подносител во електронска форма потпишана со електронски потпис преку Системот за е- регистрација и поднесена согласно со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица. По исклучок, пријавата за упис врз основа на правосилна судска одлука или одлука на државен или друг надлежен орган, како и пријава за упис на субјекти кои не се опфатени со овој закон, се поднесува во писмена форма.

Пријава за упис на трговско друштво поднесува органот на управување, односно овластен член на органот на управување, освен ако со ЗТД поинаку не е определено. Пријавата, може да ја поднесе и полномошник со полномошно дадено од овластениот подносител, во писмена форма заверена кај нотар, или дадено во електронска форма потпишано со негов електронски потпис, или заверено со електронски потпис на регистрациониот агент којшто ја поднесува пријавата за упис преку Системот за е- регистрација.