Светскиот пазар достапен преку интернет продавница

Извештајот за состојбата со електронската трговија што го изготви УСАИД на барање на Министерството за информатичко општество и администрација, покажа дека електронската трговија, во нашата земја не е доволно развиена и покрај тоа што таа нуди многу можности.

Како што нагласи Министерот за инфрорматичко општество и администрација Иво Ивановски, електронската трговија на македонските компании им нуди многу нови пазари, а процесот на вклучување во неа не е многу тежок.

– Анализата потврди дека отворањето на интернет продавница во Македонија не бара многу голем напор, а не е ни голема инвестиција. Сепак, постојат уште можности за подобрување или олеснување на условите за функционирањето на интернет продавница, изјави Ивановски по денешното презентирање на извештајот.

Ивановски нагласи дека веќе се работи на некои препораки кои се наведени со овој ивештај и кои се однесуваат претежно на законската регулатива. Се со цел да се подобрат условите за функционирање на е- трговијата.

Освен ова во извештајот се наведува дека е потребна  примена на контролен механизам врз работата на интернет продавниците со цел да се заштитат купувачите од можни штетни последици, да се покрене иницијатива за поедноставно и поефикасно работење со платежните картички, како и да се покрене сеопфатна кампања за подигнување на свеста меѓу граѓаните како потенцијални купувачи.

Еден од трошоците за отварање на Интернет трговија е софтверот за е-трговија кој неофицијално чини околу 3000 до 20 илјади евра. Но многи интернет трговци ги минимализирале овие трошоци со прилагодување на веќе постоечки софтвер.

Беше истакнато дека плаќањето преку интернет е многу побезбедно отколку стандардното, па така веќе три ипол години откако постои оваа трговија, се нема случено некоја злоупотреба.