Раст и развој на малите и средни претпријатија

Малите и средни претпријатија како форма на организација на бизнисот во своето опстојување на пазарот поминуваат низ неколку периоди или фази. Секој од периодите во развојот  е испреплетен со различни предизвици за овие пазарни субјекти.

Во економската литература овие  периоди се познати како фази на животниот циклус на малите и средни претпријатија. Во својата основа, теоријата на животните циклуси тврди дека ентитетите (организациите, луѓето, итн.) се развиваат според предвиден образец, односно според одредени фази. Свој приоднес кон теоријата за животни циклуси на претпријатието имаат дадено бројни автори – Chandler, Miller, Friese, Adizes, итн. Секој модел на животен циклус се разликува според бројот на фазите на развој и називите на фазите. Сублимирано, може да се истакне дека претпријатието расте минувајќи низ следниве фази:

Егзистенција

Во оваа фаза основниот проблем на претпријатија е освојување на пазарот, односно стекнување на купувачи и испорака на договорените производи и услуги. Организацијата на претпријатието во оваа фаза е многу едноставна, а помеѓу сопственикот и претпријатието постои знак на еднаквост. Најчесто, претпријатието е управувано и под контрола од исто лице, па способноста, знаењето, искуството и вештините на сопственикот – менаџер се пресудни за успех или неуспехот на претпријатието.

Опстанок

Во оваа фаза претпријатието веќе има доволно купувачи, чии потреби е во состојба да ги задоволи со своите производи и услуги. Основните проблеми на претпријатието во оваа фаза веќе не се врзани за егзистенција, туку за однос меѓу приходите и расходите.

Успех

Во оваа фаза сопствениците се наоѓаат пред голема дилема – понатамошен раст врз база на искористување на постојните потенцијали на претпријатието или одржување на стабилен и профитабилен бизнис како основа за алтернативна активност на сопственикот. Доколку сопственикот се одлучи за понатамошен раст, се спроведува консолидација на претпријатието и сите постоечки ресурси се ставаат во функција на растот. Во случај сопственикот да се одлучи за алтернативна ориентација (успех- неангажираност), тоа најверојатно значи дека е задоволен со постоечката состојба, се води по целта за одржување на status quo и дека сака да се посвети на други активности.

Полетување

Во оваа фаза основна преокупација на менаџментот е како да освари и финасира забрзан раст на претпријатието. Организацијата на претпријатието во оваа фаза станува децентрализирана и се формираат дивизии, најчесто за производство или продажба. Доаѓа до раздвојување на претпријатието и сопственикот, иако тој и понатаму ја задржува доминантната улога во претпријатието. Оваа фаза е клучен период во животот на едно претпријатие која ќе определи дали претпријатието ќе се развие во голем бизнис или ќе биде продадено.

Зрелост

Во оваа фаза главен предизвик е консолидирање и контрола на финансиските цели кои ги наметнал забрзаниот раст од една страна, како и задржување на флексибилноста и претприемачкиот дух како карактеристики кои се иманентни за малите претпријатија, од друга страна. Зајакнување и професионализација на менаџментот со широка примена на стратешко планирање, буџет, систем на контрола на трошоци, управување со помош на цели и слично, е неминовност, во спротивно растот на претпријатието ќе предизвика опаѓање на ефективноста. Претпријатието сега е доволно јако во поглед на менаџерските и финансиските капацитети и веќе во голема мера е одвоено од сопственикот.

Се разбира дека познавањето на моделот на животен циклус на претпријатието и неговата примена може да доведе до полесно лоцирање и решавање на интерните проблеми на претпријатието, пред се, поради можноста за препознавање и разликување на нормални и преодни проблеми кои можат да се очекуваат во текот на развојот и кои можат да придонесат до згаснување на организацијата, како и познавање на правилниот третман на претпријатието во секоја фаза од животниот циклус во која претпријатието може да се најде.

Според прикажаното станува очигледно дека во секоја фаза на раст од животниот циклус на малите и средни претпријатија се јавува потреба од промена на стилот на менаџмент, односно дека со растот на претпријатието, претприемачите мора да ги менуваат менаџерските способности и вештини, од оперативни до стратегиски. Исто така, се зголемуваат и предизвиците и потребните ресурси било од финансиска или од друга природа. Сето ова го води претпријатието кон нови и посложени форми на организација кои можат да завршат, доколку работите одат во посакуваната насока и со преминување на претпријатието во категоријата големи претпријатија.
Понатаму, соочувањето на светот со економија на знаење и развој на големи, наднационални регионални пазари и засилувањето на конкурентно развојните предности во концептот на раст и развој, ги предизвикува современите мали и средни претпријатија да воведуваат технолошко-развојна и производствена специјализација, како мошне битна меѓународна компонента. Ваквата специјализација може да се насочи во правец на развој на производи или услуги за сегментирани целни групи на домашниот и странски пазари или во правец на развој и производство на компоненти за интернационализирани производи, со што претпријатието стратегиски ќе се поврзе со партнер од земјата и странство.