Во промоција спаѓа сето она што можете да го сторите за да влијаете врз луѓето да ги купат вашите производи.
Рекламирањето има за цел да им се соопшти на луѓето што имате за продавање за да ги купуваат вашите стоки повеќе отколку оние на вашата конкуренција.
Што продавате, кому му продавате и каде живеат муштериите, ќе одлучи каков вид на рекламирање ќе користите и какви јавни гласила ќе користите. Јавните гласила се средства во рекламирањето преку кои им соопштувате на луѓето за вашите производи.
Во јавните гласила спаѓаат весници, списанија, радио, телевизија, кино и плакати.
Ако стоките ви се продаваат на голем број лица низ целата земја можете да користите радио, локални весници, огласни табли до главните патишта, плакати на згради, па дури и телевизија ако можете да си дозволите такво нешто, и ако продажбата е доста голема.
Продавачите на големо и на мало се особено важни. Тие ги користат вашите добра да заработат за животот. Тие сакаат да знаат како вашите стоки ќе им помогнат во нивното делување, и сакаат само цврсти факти, не ветувања. За да стигнете до нив треба да рекламирате во трговски списанија и преку добро подготвени каталози.
Таму каде што сакате да ги рекламирате вашите производи на мал број муштерии, испратете специјални писма до секој од нив лично. На почетокот од новата година можете да им испратите календари, дневници, моливи или бележници како подароци со вашата фирма отпечатена на нив.
Сопственици на фирми, банкари и директори ќе прочитаат лично писмо, а циркуларното писмо ќе го фрлат во ѓубре. Проверете дали писмата ви се на убава хартија, со импресивен меморандум и дали се многу добро отпечатени. Ако вашата дактилографика не е толку добра, користете агенција за вршење дактилографски услуги. Вака се промовира добар имиџ (репутација) на вашата фирма.
Продавачите на мало можат да истакнат промотивен материјал во своите продавници, на тезгата или на прозорецот. Ова се нарекува рекламирање на местото на продажба. Тоа може да биде исечена фигура од картон или некој плакат, што ќе го привлече поглеедот прикажувајќи некој производ.
Прашајте ги новите муштерии како за прв пат дознале за вашиот производ/услуга. Така ќе стекнете добра претстава за тоа колку вашата фирма е позната и каква претстава постои за вашата фирма на пазарот.