Посебни услови за угостителска дејност
За вршење на угостителска дејност мора да бидат исполнети пропишаните минимално-технички услови (МЕ-ДПИ).
- објектот да може да се употребува (МТВ),
- санитарно здравствени услови (МЗ),
- условите за заштита при работа (МТСП),
- заштитата и унапредување на животната средина,
- противпожарна заштита и
- условите за заштита од бучава пропишани со закон (МЖСПП).
- Угостителската дејност во угостителските објекти ноќен бар, кабаре, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор, може да се врши доколку угостителот обезбеди и согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа за внатрешни работи дека се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот (МВР).
- Угостителските објекти можат да бидат: угостителски објекти за сместување; угостителски објекти за исхрана.
Угостителски објекти за сместување
Угостителските објекти за сместување се делат на:
- основни угостителски објекти за сместување во кои спаѓаат хотели, хотелски населби, апартмански населби, мотели, пансиони, резиденции, туристички населби и слично и
- комплементарни сместувачки објекти, во кои спаѓаат: ноќевалишта, гостилници, кампови, приватни сместувачки капацитети (соби, апартмани, станови, куќи), одмаралишта (за деца, младинци, работници, лица со попреченост и сл.), други комплементарни објекти (феријални домови, планинарски и ловни домови и куќи, објекти за привремено сместување и сл.).
Угостителски објекти за исхрана
Угостителските објекти за исхрана се делат на:
- ресторани (ресторани, гостилници, ресторани за самопослужување, експрес ресторани, киосци, млечни ресторани, ресторан бавчи, летни бавчи, кебапчилници, бистро, пицерии, објекти за брза храна и слично);
- барови (кафеана, кафетерија, ноќен бар, кафе бар, кабаре, диско клуб, диско-клуб на отворен простор, пивница и слично);
- национален ресторан-меана;
- кантини и
- други угостителски објекти за исхрана
Правила
- Угостителска дејност во ноќен бар, кабаре, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор се врши врз основа на лиценца
- Хотелите со најмалку четири ѕвездички можат да ја вршат ваквата дејност без лиценца.
- Лиценцата ја издава органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството. Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството ги пропишува формата и содржината на образецот на лиценцата, како и начинот на издавањето и одземањето на лиценцата.
- Угостителот за секој угостителски објект мора да определи одговорно лице (директор, управник, шеф и сл.) на угостителскиот објект. Одговорното лице, покрај исполнувањето на општите услови за заснивање на работниот однос, утврдени со закон, мора да има и најмалку средна стручна подготовка.
- Одговорното лице во угостителскиот објект за сместување кој е категоризиран со четири, пет ѕвездички и де лукс категорија како и одговорното лице во угостителскиот објект за исхрана категоризиран со четири ѕвездички, треба да има високо образование
Должности на угостителот
Угостителот е должен:
1) да ги одржува просториите и опремата и да дава услуги во угостителскиот објект според пропишаните минимално-технички услови, како и условите за категоризација за видовите објекти за кои е предвидена категоризација утврдена со решение на Комисијата за категоризација, или според пропишаните критериуми за означување посебни видови угостителски објекти за кои е предвидено издавање посебни ознаки со решение на давателот на ознаката;
2) да ги истакне цените на сместување, пансион и полупансион во собите и овозможи увид во цените на тие услуги на корисниците на услугите, на рецепцијата, како и да ги истакне цените на храната, пијалоците и напитоците на вообичаените ценовници и во доволно примероци, достапни на корисниците на услугите во секое време;
3) на видно место на влезот на угостителскиот објект – ноќен бар и кабаре на табла со димензии 20 х 50 см да истакне натпис со содржина: “лица со возраст под 18 години немаат право на посета”. Угостителите се должни да ја утврдат возраста на лицата пред нивното влегување во објектот.
4) да се придржува на истакнатите цени; 5) да поседуваат документи за набавени производи (фактури, сметки, испратници и слично);
6) за секоја дадена услуга да издаде сметка со спецификација на услугите од фискална каса;
7)на видно место на влезот на угостителскиот објект да го истакне видот на платежните картички кои можат да се користат;
8) да ги утврди нормативите на храна и пијалоци кои ги послужува, како и да им овозможи на корисниците увид во тие нормативи;
9) да ги достави нормативите за храна на заверка на градоначалникот на општината, а во Градот Скопје на градоначалникот на општината на подрачјето на Град Скопје и угостителските услуги да ги пружа во соодветна количина и квалитет според утврдените нормативи од ставот 1 точка 5 на овој член;
10) да води книга на гостите во угостителскиот објект за сместување;
11) да го пропише и истакне куќниот ред во сите објекти за сместување;
12) во угостителските објекти за сместување да дава угостителски услуги вклучени во туристички пакет аранжмани преку организатори на патувања или посредници, односно туристички агенции;
13) на видно место во угостителскиот објект да ја истакне обврската за ангажирање домашен туристички водич при организиран престој на странски туристи, согласно одредбите од Законот за туристичка дејност;
14) на видно место во угостителскиот објект, или во менито, да го истакне телефонскиот број на Државниот пазарен инспекторат и
15) во сите пропагандни материјали да ги означи видот и категоријата на објектот која е утврдена со решение на Комисијата за категоризација.