Вид на дејности – општи услови

Вид на дејности – општи услови

Дејност

Трговец во смисла на ЗТД е секое лице кое самостојно трајно во вид на занимање врши трговска дејност заради остварување добивка со производство, трговија и давање услуги на пазарот и тоа со:

1) купување на подвижни ствари со цел да ги продаде во првобитен, преработен или обработен вид;

2) продажба на подвижни ствари во преработен или обработен вид од сопствено производство;

3) тргување со хартии од вредност и управување со фондови;

4) банкарски, менувачки и други финансиски дејности;

5) дејности на осигурување;

6) превоз на лица и стока;

7) комисиони работи, шпедитерски услуги, складишни (магацински) услуги и лизинг;

8) трговско застапување и посредување;

9) угостителскотуристичка дејност, информативна дејност, маркетинг и други интелектуални услуги;

10) производство на филмови, видеокасети, аудиовизуелни записи, софтвер, како и други слични дејности;

11) издавачка и печатарска дејност и други работи поврзани со трговијата со книги и уметнички творби и

12) купување, изградба и уредување на недвижни ствари со цел продажба и издавање.

 

Дејностите што трговецот ќе ги врши во согласност со ставот (1) од овој член се класифицираат според дејностите утврдени во Националната класификација на дејности.

 

Трговското друштво може, како предмет на работење, да ги врши сите дејности што не се забранети со закон.

Ако за одделни дејности со закон е пропишано дека можат да се вршат само врз основа на согласност, дозвола или на друг акт на државен орган или на друг надлежен орган, тие дејности можат да се вршат само врз основа на согласноста, дозволата или друг акт на тој орган.

Трговското друштво може без упис во трговскиот регистар да врши и други дејности коишто се потребни за неговото постоење и за вршење на работите од предметот на работење, но коишто не спаѓаат непосредно во рамките на вршењето на работите од предметот на работење.