Видови трошоци

Во секој бизнис постојат следните два вида трошоци:

  • директни трошоци; и
  • индиректни трошоци.

Директни трошоци + индиректни трошоци  = вкупни трошоци

Директни трошоци се трошоците за оние ставки кои стануваат дел од вашите производи или услуги;

  • репроматеријали и делови кои влегуваат во производот, познати како материјални трошоци;
  • плати и придонеси (т.е. пензиско осигурување, хранарина) што им се исплаќаат на работниците за времето што е потребно да се произведе производот, познато како трошоци за работна рака.

Индиректни трошоци се трошоците за се друго кое е потребно за да го водите вашиот бизнис. Тие се познати како паушални трошоци (режиски издаток):

  • користење на згради, машини и опрема, нивното одржување, поправка и замена;
  • гориво, електрична енергија и греење;
  • платите за сите оние кои не се директно поврзани со производството на приозвидот, вклучувајќи ја и платата на самиот сопственик;
  • канцелариски трошоци (прибор, поштарина, телефон, итн.);
  • продажни трошоци, освен плати;
  • финансиски трошоци (т.е. камата за кредит).

Основната поделба на трошоците во директни и индиректни важи за сите видови бизниси или дејсности, независно дали се работи за продажба на големо или мало, производство или давање услуги (сервис за коли, ресторан, камион или перална).

Единствената разлика е што трошоците за репроматеријали можат д абидат многу мали во некои случаи (т.е. сервис за коли, каде што основниот трошок е користењето на работната рака на механичарот).

При одредувањето на трошоците, понекогаш зборуваме за додадена вредност во однос на производот. Додадената вредност ја означува разликата помеѓу продажната цена и вкупните трошоци за еден производ.

Погледајте ги следните примери:

  1. ПРОИЗВОДИТЕЛ

За еден производител директни трошоци се трошоците за репроматеријали и за работна рака, кои влегуваат во производот. Работната рака и репроматеријалите се еднакви по вредност и заедно покриваат 80 проценти од вкупните трошоци. Индиректните трошоци – канцеларијата и превозот за испорака на производот, покриваат 20 проценти од вкупните трошоци.

  1. РЕСТОРАН

Во сервисната индустрија, директните трошоци се трошоците за репроматеријали и за работна рака кои директно влегуваат во услугата што ја давате. Во еден ресторан, репроматеријалите се главно храна, додека трошоците за работна рака изнесуваат помалку од една половина од тие за храната. Директните трошоци покриваат 80 проценти од вкупните трошоци. Индиректните трошоци – греење, кирија и друго, како што се трошоците за келнерите – покриваат 20 проценти од вкупните трошоци.

  1. СЕРВИС ЗА КОЛИ

Сервисот за коли исто така спаѓа во сервисната индустрија. Директните трошоци се во поголем дел трошоците за работна рака, додека репроматеријалите (резервните делови) се помалку од една половина од трошоците за работна рака. Директните трошоци изнесуваат 85 проценти од вкупните трошоци. Индиректните трошоци, т.е. канцеларија и комерцијалисти, претставуваат 15 проценти од вкупните трошоци.

  1. ПРОДАВНИЦА

За еден трговец, директните трошоци  се едноставно износите кои им ги плаќа на добавувачите за стоките што се купуваат од нив, вклучувајќи ги и транспортните трошоци потребни стоката да дојде до продавницата. Индиректните трошоци се трошоците за изнајмување на продавницата, за струја, за осветлување, за чистење и за уредување, за платите за помошниците, итн.

 

Кога ги знаете вкупните трошоци на вашиот бизнис и нивната распределба во директни и индиректни, можете да го пресметате трошокот за секој поединичен производ или услуга.