Сега ќе навлеземе во еден сосема подруг дел од планирањето, а тоа е менаџментот и организациската поставеност и структура на бизнисот.
Овој елемент или поднаслов се однесува на менаџментот. Менаџментот е навистина важен елемент од секој бизнис. Како што бизнисот поминува низ различна фаза од животниот циклус, така ќе расте и потребата за менаџментот, а тој е директно поврзан со ефикасноста и ефективноста на бизнисот. Менаџмент наједноставно кажано претставува управување со бизнисот. Можеби ќе Ви се чини сложено доколку Вашиот бизнис е во фазата на започнување и планирате само Вие како претприемач да бидете единствени во тој бизнис дека нема да има потреба од оваа поглавје. Сепак, препорачано е да го сработите и овој наслов во вид на натамошно планирање на персоналот во Вашиот бизнис бидејќи нема уште долго да издржите сами.
Од друга страна ова поглавје како дел од процесот на планирање веќе ќе ги претстави и другите трошоци кои понатаму ќе ги користите во планирање на финансиите.
Што треба да содржи овој наслов?
- Краткиот преглед на насловот
- Организациска структура
- Менаџерски тим
- Можни слабости на менаџерскиот тим
- План на персоналот на бизнисот
1. Краток преглед на насловот
И повторно поглавјето за менаџмент во бизнис планот започнува како и секое поглавје со краток преглед на поглавјето. Овој дел ќе биде на почеток но ќе го подготвите го на крајот откако ќе го завршите поглавјето.
2. Организациска структура
Организациска структура претставува хиерархиска поставеност на вработените во бизнисот. Таа ќе покаже кој на кого одговара за извршените задачи, кој кого контролира и каква е легалната комуникацијата помеѓу вработените во бизнисот. Многу е важно да го сфатите озбилно овој наслов бидејќи она што тука ќе го испланирате ќе треба да биде базирано на она што е реално денес и ќе биде реално утре.
Организациската структура треба да биде претставена во вид на организациски дијаграм или график (нарекуван како органограм). Имате опција за бесплатни онлајн апликации за изработка на органограмот како што е gliffy. Ќе треба само да се регистрирате и ќе можете да ја користите апликацијата. Можете и да го користите Microsoft Office Word кој има опција за внесување на график во вид на организациски дијаграм кој можете да го персонализирате согласно Вашите потреби.
Органограм
Пожелно е бизнис планот да го содржи органограмот како составен дел, но доколку неможете да го направите опишете ја организациската структура текстуално со зборови.
3. Менаџерски тим
Менаџерски тим како дел од насловот за менаџментот од процесот на бизнис планирање претставува листа на менаџерите во бизнисот кои ќе го управуваат. Ова можете да бидете само Вие како претприемач или пак да бидат вклучени и Вашите први соработници за управување на бизнисот доколку имате повеќе вработени. На, тоа колку менаџери ќе треба да имате ќе Ви одговори опфатот на менаџментот врз основа на бројот на вработени. Вообичаено тоа ќе бидат функционалните менаџери. Во овој дел за секоја од главните менаџерски позиции напишете:
- Име и презиме на менаџерот
- Претходно искуство на истите
- Нивната улога во компанијата.
4. Анализа на слабости на менаџерскиот тим
Ништо не е перфектно па и Вашиот менаџерски тим не е. Можните слабости на менаџерскиот тим претставува добра анализа на тоа што може да биде како слабост. Новите бизниси најчесто ќе имаат повеќе да пишуваат во оваа подрачје. На пример, би требало да напишете дека Вие како претприемач ќе го водите и продажниот дел бидејќи заради недостаток на финансии не можете да најмите менаџер за таа позиција. Со тоа сте идентификувале едно Важно прашање во вид на проблем кој во иднина нема да го заборавите. Но, наведете и како планирате овие слабости да ги надминете во иднина. Можеби овие планови ќе предизвикаат превземање на одредени активности за надминување.
5. План на персоналот
План на персоналот претставува делот од бизнис планот кај што ќе ги вклучите сите работни места во компанијата. Планот на персоналот може да го претставите во вид на табела со следниве колони:
- Работно место (на пример, менаџер за финансии, продавач…)
- Број на вработени за тоа работно место (на пример, 1 менаџер за финансии, 10 продавачи)
- Износ на плата или колку ќе го чини бизнисот за еден вработен на таа позиција за еден месец
- Годишен трошок за едно такво работно место (12 х број на вработени за тоа место х месечна плата)
План на персонал
На ваков начин ќе ги имате плановите за персоналните трошоци за бизнисот кои во наредното поглавје ќе можете да ги искористите.