Овој дел од бизнис планот веќе го имате изработено бидејќи едноставно за да планирате сите анализи, табели, пресметки, предвидувања ги имате направено. Доколку досега сѐ изработувавте во еден MS Excel документ со повеќе страни веќе ги имате сите потребни табели кои ќе треба да влезат во анексот од бизнис планот.
Затоа во овој дел ќе треба да ги ставиме информациите за сите табели кои ги добивме во процесот на планирање.
Она што ќе треба да биде сместено во анкесот во најмал случај е следново:
- Предвидување на продажба
- План на финансии потребни за плати за вработени
- Целосната табела за анализа на добивка/загуба
- Целосна табела за анализа на готовинскиот тек
- Биланс на состојба
Секоја табела или секој од горенаведените поднаслови нека биде на една страна за да биде попрегледно. Доколку во бизнис планот некаде во претходните наслови се повикувате на некоја од овие табели, допишете насочување на читателот да го погледне анексот.
Не постои претприемач кој ќе планира катастрофа за неговиот бизнис, дури и математиката да покажува такво нешто, во текот на процесот на планирање произлегуваат заклучоци за избегнување на една таква состојба. Затоа е потребно да се спроведе планираното.
Во многу поднаслови од овој бизнис план произлегоа конкретни активности во вид на :
- Стратегија
-
- Тактики
- Активности
- Тактики
Вашата задача како претприемач кој сѐ уште е во процесот на планирање е да ги сублимирате тие активности и да ги групирате во еден логичен редослед. Се вели логичен редослед бидејќи досега ги планиравме сите стратегии, тактики и активности како едни посебни елементи. Тие се зависни едни од други, така да активност во една стратегија ќе има влијание на друга активност во друга стратегија. Тука едноставно ќе треба да ги групирате и да добиете табела која ќе содржи:
- Стратегија
- Тактика
- Активност
- Одговорна служба (Одделение, Сектор…)
- Одговорно лице
- Датум на започнување
- Датум на завршување
- Мерни индикатори
Она што може да се забележи од еден ваков пристап е дека:
- Се делегира одговорност. Доколку не определите одговорни лица за спроведување на планираните активности (во вид на име и презиме), сите ќе бидат одговорни и на крај никој нема да превземе ништо.
- Се предвидува рок. Рокот ќе претставува квалитетна рамка за следење на спроведувањето на планот и ќе гарантира навремено спроведување на истиот.
- Се воспоставува систем за следење на резултати. Мерни индикатори се можеби најважниот елемент на процесот на планирање кога станува збор за подобрување на самиот процес на планирање и секако бизнисот воопшто. Оваа колона ќе го мери квалитетот на планот, квалитетот на спроведеното и квалитетот на подобрување во бизнисот.