Акционерско друштво

Акционерското друштво е трговско друштво карактеристично по тоа што акционерите учествуваат со влогови во основната главнина, којашто е поделена на акции. Минималниот број на членови според Законот за трговски друштва е 3 (три). Акционерското друштво може да врши која  и да било профитна дејност што по правило не е случај со другите друштва.

Основање

Основачите на друштвото се лица кои го потпишале статутот и тие го основаат друштвото симултано или сукцесивно.

При симултано основање на АД основачите само или заедно со други лица ги превземаат, без јавен повик, сите акции и го потпишуваат статутот. Основачите ги преземаат акциите со изјава, дадена во писмена форма, дека го основаат друштвото и дека ја преземаат обврската за уплата на акцииите. При сукцесивно основање, основачите ќе го усвојат статутот, ќе запишат определен број акции и ќе упатат јавен повик за запишување акции.

Основна главнина

Во случај на симултано основање, минимален номинален износ на основната главнина е 25.000 евра во денарска противвредност, според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, објавен пред усвојување на статутот, односно на денот пред донесувањето на одлуката за промена на основната главнина. Во случај на сукцесивно основање, овој износ е 50.000 евра во денарска противвредност.

Упис во трговски регистар

Како што е случајот  и со другите трговски друштва, така и АД стекнува својство на правно лице со уписот во трговскиот регистар.

Фирма

Фирмата на акционерското друштво мора да ги содржи и зборовите “акционерско друштво” или ознака “АД”.

Систем на управување

Управувањето со друштвото може да биде организирано според едностепен систем (одбор на директори) или според двостепен систем (управен одбор или управител и надзорен одбор).